Обединување на Берзите
Објавено: 19. 02. 2016

 

Во решителен потег кој ќе ги поврзе и обедини берзите на Македонија, Бугарија и Хрватска, наскоро ќе се лансира SEE Link -- платформа за е-тргување која ќе постави нови пазарни мостови.

Компанијата која го раководи проектот SEE Link е основана како акционерско друштво уште во мај 2014 година, со седиште во Македонија. Трите основачки берзи поседуваат еднаква сопственост во компанијата. Софтверот е развиен и тестиран, единствено се чека да се донесат правни рамки за да може апликацијата да се достави на заинтересираните страни. Проектот се очекува да биде јавно достапен за време на првиот квартал од 2016 година, но веројатно е дека тоа ќе потрае и до вториот квартал од годинава.

SEE Link најпрво ќе се лансира во Македонија, Бугарија и Хрватска, додека од Српската и Словенечката берза се очекува да го потврдат нивното учество во проектот за време на Инвестицискиот Самит за Западен Балкан на 22-ри февруари во Лондон.

Досега, берзите во Југоисточна Европа ја немаа потребната инфраструктура, видливост и големина за да бидат атрактивна инвестициска цел. Но, здружени заедно, овие берзи се еден крупен и привлечен пазар. SEE Link ќе обезбеди видливост и достапност на сите од нив. Ова претставува рамка преку која лесно би се тргувало на речиси четвртина Европа.

За време на Самитот за SEE Link, претставници од берзите коментираа за значењето на проектот за регионалната соработка, и го изјавија следново:
 
"Веќе некое време разгледувавме опции за подобрување на видливоста и ефикасноста на нашите пазари и овој модел на соработка се јави како логичното решение." - Ивана Гажич, Претседател на Управниот Одбор на Загребската Берза.
 
"Оваа соработка ќе им овозможи на инвеститорите да пристапат кон пазарите на поедноставен начин и ние се надеваме дека останатите регионални берзи ќе се придружат на проектот во блиска иднина." - Иван Штериев, Извршен Директор на Македонската Берза.
 
"Привлекување на интересот на инвеститорите на регионална основа е нешто кон кое сите ние се стремиме. Едноставност, ефикасност и вклученост од сите страни е гаранција за успехот на овој проект." - Иван Такев, Извршен Директор на Софијската Берза.

SEE Link овозможува софтверско поврзување помеѓу различните брокерски куќи, но го остава процесирањето и подмирувањето на налози на нивната матична берза. На тој начин, берзите можат да останат независни, а сепак комплементарни. Ова релативно лесно решение е одлична основа за понатамошна интеграција и развој. Останува само да се види како ќе се решат проблемите со видливост на берзите. Обединувачкиот аспект на SEE Link е одлична вест, следно треба да се развива неговата примена.

Во ИЛИРИКА, ние постојано развиваме и објавуваме анализи и проценки во силен обид да пронајдеме јасни и вредни можности за инвестирање во Југоисточна Европа. Нашиот истражувачки тим континуирано ги следи регионалните берзи и обезбедува длабински увиди во селектирани хартии од вредност. Со SEE Link ќе можете да ги користите нашите совети за инвестирање на лесен и профитабилен начин.